Пестициди

Стручни совети за прскање на јаболкото

20.06.2018 10:49

Прекумерната употреба на хемиските препарати кај јаболковите насади е голем проблем за овоштарите. Затоа со поставувањето на агрометеоролошките станици со кои се одредуваат оптималните рокови за прскањето, земјоделците велат дека трошоците им се намалени за 30 проценти. За нив тоа значи поголема заштеда, но и заштита на животната средина.

Седум агрометеоролошки станици на различни локации во Преспа се користат да се одреди дали и кога има потреба од користење пестициди кај овошките за да се намали прекумерната употреба на хемиските препарати.

Земјоделците, преку СМС порака или преку социјалните мрежи добиваат редовни известувања кога, со какви препарати и колкава концентрација треба да ги прскаат насадите за да спречи појавата на болестите или штетници.

Досегашната ваква практика покажива дека на овој начин се намалуваат трошоците за производство, а се заштитува животната средина и подземните води на Преспанското Езеро.

Со функционирањето на овие станици употребата на пестициди се намалува за една третина, но само доколку се почитуваат препораките, бидејќи, користењето на препарати во не соодветно време, не дава ефекти.

Агрометеоролошките станици мерат околу 40 параметри и врз таа основа се утврдува колкав е ризикот од појава на болести или штетници. Со станиците се покриени околу 90 проценти од обработливото земјиште во Преспа и овие мерки, најмногу ги применуваат помладите и земјоделците кои професионално се занимаваат со овоштарство.

 

Методија Трајков