Шпанија

Студентски домови за мигрантите од „Аквариус“

20.06.2018 12:18

Шпанија ги сместува мигрантите од „Аквариус“ во Аликанте, во студентски домови. Во нив ќе бидат сместени млади до 17 години кои патувале без придружба, додека студентите ќе добијат пари за ново сместување. Новиот мигрантски бран предизвика бројни реакции и поделба во ставовите меѓу членките на ЕУ...

Мигрантите од бродот „Аквариус“, кои Шпанија ги прифати по одбивањето на Италија и на Малта, се сместуваат во студентски домови во земјата. На студентите во градот Аликанте им било речено да ги напуштат домовите за да направат место за луѓето. Тие добиле ветување од владата дека ќе добијат ново сместување и оти ќе им бидат платени сите трошоци.

Регионалната влада решила домот „Ла Флорида“ да биде привремено сместувалиште за стотици деца на возраст од 12 до 17 години кои патувале без придружба.

Во меѓувреме, брод на италијанската крајбрежна стража со повеќе од 500 мигранти, вклучувајќи и десетици кои биле спасени од американската морнарица, пристигнал на Сицилија, само неколку дена откако земјата одби да ги прими мигрантите од „Аквариус“.

Ситуацијата со бродот „Аквариус“ ги засили тензиите меѓу членките на ЕУ околу миграцијата. Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини изјави дека наскоро на европските партнери ќе им достави предлог за миграциската политика.
 

 

Марина Ристова