САД се повелече, Русија поднесе кандидатура за членство во Советот за човекови права
Хроничните предрасуди против Израел и неостварени реформи се причината за повлекувањето на САД од Советот за човекови права на ООН. Одлуката следи ден по осудата за политиката на Трамп за разделување на децата од родителите на границата со Мексико...

Русија поднесе кандидатура за членство во Советот на ОН за човекови права за периодот меѓу 2021-ва и 2023-та година, неколку часа по повлекувањето на САД од ова тело. Како причина за одлуката, американската амбасадорка Хејли го наведе неуспешното спроведување на реформите кои беа предуслов за нивно натамошно дејствување во Советот.
„Непочитувачите на човековите права и натаму се избираат и служат во Советот. Најнехуманите режими во светот и натаму го избегнуваат неговиот надзор, а Советот продолжува да ги политизира жртвувањето на земјите со позитивни извештаи за човекови права за да се пренасочи вниманието од злосторниците во нивните редови. Овој чекор не значи повлекување од обврските за човековите права. Напротив, си заминуваме зашто не сакаме да сме дел од лицемерна и себична организација“, изјави Ники Хејли, амбасадор на САД во ООН.
Државниот секретар Мајк Помпео изрази незадоволство од непријателскиот однос кон Израел против којшто, според него, биле усвоени најмногу резолуции.
„Ако се обидуваат да го нарушат суверенитетот, нема да молчиме. САД се лидери во хуманитарната помош на глобално ниво, и нашите луѓе жртвуваа животи за да ослободат милиони од угнетување и тиранија, па нема лицемерни органи и инситутции да ни држат предавања“, рече државниот секретар Помпео.
Генераланиот секретар на ООН Антониот Гутереш и комесарот за човекови права Зеид ал Хусеин изразија разочараност од потегот на Вашингтон. Според ЕУ, улогата на САД како поборник за демократијата на светската сцена е загрозена. Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон вети дека поддршката на Британија во ова тело останува непроменета. Израел,пак, ја поздрави одлуката на Белата куќа.
Ова не е прв конфликт меѓу двете страни. Администрацијата на Буш го бојкотираше Советот во 2006 година кога беше формиран поради речиси исти причини како Трамп. Тогашниот амбасадор Џон Болтон, којшто е актуелен советник за национална безбедност, беше и остана строг критичар на ОН.
Во 2009-та година, админитрацијата на Барак Обама се врати во Советот.
Маја Филдишев
