Политика

Иванов останува на ставот за договорот за името

20.06.2018 14:56

Откако премиерот заев навести импичмент на претседателот, Иванов со порака – веднаш покренете ја постапката. Останувам на ставот за договорот за името. Владата апелира- сите политички субјекти да покажат одговорност за моментот во кој се наоѓа земјава...

Мојот став во однос на штетниот договор за името е конечен и останува непроменет, и покрај сите искажани закани и притисоци, вели во писмената изјава шефот на државата Ѓорге Иванов. Го повика премиерот Заев да покрене постапка за импичмент.

„Го повикувам Заев со истото двотретинско мнозинство кое е неопходно за менување на Уставот на Република Македонија, веднаш да покрене постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката, односно импичмент“-  вели во пишаната изјава до медиумите претседателот Иванов.

Време е сите да покажат елементарна политичка одговорност, во државава, вели владиниот портпарол Бошњаковски, одговарајќи на писмената изјава од преседателот Иванов.

„Време е сите политички институции во Македонија, вклучително и претседателот Иванов, да покажат елементарна политичка одговорност за моментот во кој се наоѓа Република Македонија“, изјави владиниот портпарол Бошњаковски.

Бошњаковски рече дека последниот збор ќе го кажат граѓаните на референдум, а нивната волја ќе биде обврзувачка за сите политички субјекти во државата. Потребен е политички амбиент, додава владиниот портпарол и апелира, сите политички субјекти да им остават простор на граѓаните да ги изнесат нивните аргументи во јавноста.

 

Наташа Гркова- Петрушевска