Ратификуван договорот меѓу Македонија и Грција
69 гласови „за“, без против и воздржани. Собранието го ратификуваше договорот со Грција. Испратен е на потпис кај претседателот Иванов. Премиерот Заев тврди - ова е почеток на крајот на неизвесноста за Македонија, потврдени идентитетот и јазикот. Мнозинството даде поддршка. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ не беше во пленарната сала. Смета дека решението е еднакво на капитулација. Ќе бара мислење од Венецијанската комисија...

Со 69 гласа „за“ на пратениците од парламентарното мнозинство усвоен Предлог- законот за ратификација на договорот за името меѓу Македонија и Грција. Предлагачот, премиерот Заев во образложението рече дека договорот е важен за иднината на државата.
На седницата присуствуваа само пратениците од владејачкото мнозинство. Ги критикуваа колегите од опозицијата дека не се однесуваат државнички поради нивното отсуство од заседанието.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Данев од собранскиот прес-центар објасни дека пратениците од оваа партија не учествувале во гласањето поради нивната оценка дека постапката е неуставна. Најавија дека ќе побараат мислење од Венецијанската комисија.
Пред гласањето, премиерот Заев ги информираше пратениците дека на состанокот на Северноатланскиот совет на НАТО во Брисел, точка на дневен ред на престојниот самит ќе биде и поканата за членство на Македонија во алијансата.
Ирина Гелевска
