Од Киев судирите се префрлија на Крим

26.02.2014 17:23

На Крим падна првата жртва во судирите меѓу приврзаниците и противниците на новата украинска власт...

На Крим падна првата жртва во судирите меѓу приврзаниците и противниците на новата украинска власт. Пред зградата на Врховниот совет во Симферопол одекнала и експлозија. Само еден полициски кордон не успеа да ги подели два ривалски протеста. „Русија“, извикнуваа околу стотина етничките Руси, а „Украина“ 2 илјади кримски Татари кои се обидуваат да ја спречат седницата на кримскиот парламент.

„Крим мора да биде дел од Русија, засекогаш. Мора да ја воспоставиме правдата“, вели Александар, проруски активист.

„Кримските Татари се од овде, но буквално не депортираа во 44-та. Нема да дозволиме никој да носи одлуки за Крим без наша дозвола“, рече Заиф Сулајев, поддржувач на преодната влада.

Истовремено, рускиот претседател Путин нареди проверка на воената подготвеност во западна и централна Русија. Не е невообичаена, но времето во кое се одржува е значајно. Во Севастопол се наоѓа базата на руската црноморска флота, за којашто концесијата до 2042 ја продолжи соборениот Јанукович. Експертите не веруваат дека новото украинско раководство ќе бара нејзино повлекување, со што дополнително би ја влошило внатрешната стабилност и односите со Русија. Украинската криза ќе биде тема и на утрешната средба на министрите за одбрана на земјите од НАТО.

„Подготвени сме и натаму да и помагаме на Украина во демократските реформи“, изјави Андерс фог Расмусен, генерален секретар на НАТО.

Сепаратистичките тенденции ја илустрираат сложеноста на ситуацијата на Полуостровот, влошена со моменталниот вакуум на власта во Киев. За неколку часа на Мајданот, собрание на демонстрантите ќе ја предложи новата влада што Радата треба да ја гласа утре. Новите лидери ќе мораат да ја стабилизираат земјата, да го најдат побегнатиот Јанукович и да избегнат економска катастрофа. Програмите за помош на ММФ ќе им бидат достапни само со реформи на власта, судството и финансиите.

 

Ивана Салтировска