Потпишани првите договори од ИПАРД 2
Најголем интерес за користење на средства од Ипард 2 програмата има кај земјоделците во Пелагонискиот регион, а најмал во Полошкиот. Од Делегацијата на ЕУ велат дека земјава има на располагање во програмата 60 милиони евра во периодот до 2020-та. За набавката на трактори од ЕУ биле искористени 4,3, а преку националното финансирање 1,4 милиони евра.

Потпишани првите 13 договори од вкупно 692 за набавка на трактори преку ИПАРД 2 програмата, вредни 5,8 милиони евра. Од Министерството за земјоделство велат дека за првпат биле прифатени сите апликации кои биле комплетни. Интерес имало и за приклучна механизација, за системи капка по капка, за линии за транспорт на храна. Најголем дел од апликациите се од Пелагонискиот, најмалку има од Полошкиот регион.
Од Делегацијата на ЕУ велат дека искористеноста на парите зависи од подготвеноста на институциите, фармерите, претприемачите.
„Целта на европската помош е да ја поддржи Македонија во пристапот кон ЕУ и да го подобри животот на граѓаните. Во периодот 2014-2020 година од ИПАРД програмата на располагање се 60 милиони евра“, изајви раководителката на Секторот за оперативни работи на Делегацијата на ЕУ, Вирве Вампари.
Од Министерството за земјоделство посочуваат дека за набавката на трактори 4,3 милиони се европски пари, а 1,4 милиони средства од националното финансирање.
Според министерот Николовски, земјоделството е една од клучните гранки на која ќе се темели економскиот раст.
Дијана Ценевска
