САД: Семејствата на мигрантите повеќе нема да бидат разделени
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна уредба со која на имигрантските семејства, кои илегално ќе ја поминат јужната граница на САД им се овозможува да останат заедно додека го чекаат исходот од имиграциската постапка. Од Пентагон најавуваат привремено сместување на приведените, вклучително и децата без придружба.

Политичката битка за децата мигранти кои беа одделени од родителите и носени во посебен притвор се префрла во американскиот Конгрес, откако претседателот Доналд Трамп потпиша уредба за прекин на таа практика. Гласањето во Претставничкиот дом се однесува на поопсежни миграциски документи кои се однесуваат на финансирањето на граничниот ѕид со Мексико и намалувањето на легалната миграција.
Поради противењето на демократите, неизвесно е дали ќе бидат усвоени. Извршната уредба на Трамп доаѓа по лавината критики и масовните протести на глобално ниво против одлуката на Белата куќа, којашто многумина ја оценија како „нехумана“. Отсега, и возрасните и децата кои илегално ќе ја минат границата , остануваат заедно во притвор додека не бидат рагледани нивните случаи.
Новата мерка не се однесува на семејствата кои се веќе одделени. Според властите, 2342 деца биле одвоени од родителите во еден месец. Во сила останува политиката на „нулта толеранција“ со која се гонат кривично сите возрасни лица кои нелегално ја преминуваат границата на САД.
„Сакаме да имаме цврста граница. Потпишав извршна уредба за да бидат заедно семејствата. Законите се ужасни. Ние ги имаме најслабите, најпатетичните имиграциски закони во светот. Мексико прави над 100 милијради долари годишно со нас, со договорот НАФТА прават богатство. Нивните имиграциски закони се моќни и веднаш го запираат бранот. Но бираат да не го прават тоа“, изјави претседателот Трамп.
Пентагон одреди четири воени база за привремено сместување на приведените мигранти, вклучително и децата без придружба.
Маја Филдишев
