Пожар

Се бара причината за трагедијата во Велес

21.06.2018 14:43

Како настанал пожарот? Зошто децата биле сами? Се прибираат докази за неодговорените прашања кои се уште лебдат над велешкиот рид Вршник, каде вчера до смрт изгореа три малолетни деца. Родителите на распит. Истрагата во тек...

Тесна земјена уличка по која едвај се минува пеш води до пеплосаната куќа на Никола Давчевски и Марина Антониевска, кои изгубија три малолетни членови на семејството. Жителите на населбата Вршник која се наоѓа под велешко брдо пријавиле дека куќата на соседите гори. 15 минути потоа, пожарникарите со џип дошле до местото, но веќе било доцна.

Форензичарите под јагленосаните остатоци бараа докази за да откријат што се случило. Според сознанијата на јавниот обвинител, родителите ги заклучиле децата и заминале во продавница. Колку долго биле отсутни, не е познато. Пожарникарите имале проблем да ја отворат вратата затоа што била заклучена со синџири.

Она што можеше да го регистрира камерата на МТВ е дека семејството живеело во трошна, импровизирана куќа, а двајцата родители собирале стари шишиња и стара пластика којашто ја продавале за да го прехранат семејството. Засега не е познато која е причината за пожарот, со оглед на тоа што во куќата немало ниту струја, ниту вода.

Истрагата треба да покаже дали за пожарот е одговорен човечки фактор. Родителите дале исказ во полициска станица, а обвинителството утврдува дали има основи за кривична одговорност. Семејството претходно во полиција пријавувало дека добива закани од трето лице.

Најблиските соседи живеат на околу 300 метри. Сведочат дека семејството се доселило пред околу две години, биле повлечени и не комуницирале со мештаните.

Децата биле на возраст од една, две и четири години. Семејството е евидентирано во системот на Центарот за социјална работа во Велес и биле корисници на социјална парична помош.

 

Анита Димитријевска