Ден на жалост во Велес
Советот донесе и решение на семејството на Никола Давчевски да му се додели еднократна парична помош во износ од 100.000 денари, а општината да ги покрие трошоците за обезбедување гробно место во висина од околу 13.000 денари.

Со одлука на општинскиот совет, денеска во Велес е Ден на жалост поради погребот на трите деца што завчера го загубија животот во пожар во семејната куќа во високиот дел на градот на ридот Вршник.
Советот донесе и решение на семејството на Никола Давчевски да му се додели еднократна парична помош во износ од 100.000 денари, а општината да ги покрие трошоците за обезбедување гробно место во висина од околу 13.000 денари.
Со едногласната одлука на советот знамињата во Велес ќе бидат истакнати на половина копје, сите културни и спортски манифестации ќе се одложат, а угостителските објекти ќе емитуваат сериозна музика.
Основното јавно обвинителство Велес заедно со екипа на СВР Велес вчера продолжи со истрагата на терен во остатоците од изгорената куќа кај велешкиот рид Вршник, каде загинаа трите деца - од четири, две години и единаесет месеци. Теренот кај изгорената куќа го обезбедува велешката полиција.
Според првичните сознанија на јавниот обвинител, родителите ги заклучиле децата и заминале во продавница. За тоа време од засега непознати причини избувнал пожар и за кратко време ја зафатил куќата.
