Невреме

Жртви во силни летни бури во делови од Европа

22.06.2018 12:41

Невреме зафати делови на Европа и на САД. Најсилно се погодени Полска, Австрија, Хрватска и Србија. Во Тексас невремето предизвикало поплави, при што биле евакуирани стотина жители...

Дел од Европа од синоќа е на удар на силно невреме проследено со грмежи и силни ветришта. Неколку луѓе биле повредени, а едно лице загинало.

Во Полска загинал заменик градоначалникот на еден град во централна Полска, кога врз него паднала гранка од дрво. Други 10 луѓе биле повредени, меѓу кои е и еден пожарникар. Во бурата биле оштетени околу 300 објекти, а пожарникарите морале да интервенираат повеќе од 4.400 пати.

„Најголемиот број интервенции, речиси 1.500, беа во областа Мазовско војводство, околу 700 во Кујавско-поморското војводство и над 400 во Големополското војводство“, изјави Павел Фратчак,  портпарол на Националната пожарникарска служба.

Околу 74.000 домаќинства останале без електрична енергија.

Силно невреме ја погоди и австриската покраина Шајтерска, при што беа повредени неколку луѓе. Обилните врнежи предизвикаа поплави и голема штета. Ветерот кршел гранки од дрвјата, кои ги блокирале патиштата и предизвикале штета на покривите на повеќе куќи во областа.

Во текот на ноќта речиси на целата територија на Хрватска се почувствувал голем пад на температурите и до 10 степени. Во дел од земјата силината на ветрот достигнала и до 82 километра на час.

Невремето не ја одмина ниту Србија. Силниот дожд ги претворил улиците во Белград во реки, а во делови од земјата невремето предизвикало голема материјална штета.

Големи поплави и во Тексас

Во американската држава Тексас, пак, обилни врнежи предизвикале поплави. Спасувачките екипи со хеликоптери спасиле стотина луѓе меѓу кои 140 деца кои поради поплавите два дена биле заробени во камп.

„Ваквите ситуации можат да бидат многу сериозни поради движењето на водата и поради тоа што се наоѓа под површината“, изјави Џералд Вилијамсон,  заменик началник на Противпожарната служба.

Метеоролозите предупредуваат дека во наредните денови поголем дел од централните и југоисточните делови на сад ќе бидат во опасност силни бури.

 

Марина Ристова