Постигнат договор за грчкиот долг
Министрите за финансии на Еврoзоната ги договорија условите за излез на Грција од третата спасувачка програма која ја користи веќе осум години. Договорени се и мерки за намалување на нејзиниот долг кој и натаму е највисок во Европската унија, односно 180% од БДП. За возврат, владата во Атина мора да спроведе стотина реформи.

Грција добива 15 милијарди евра од последната транша, продолжен рок за враќање на дел од кредитите до 10 години и можност сама да се финансира преку пазарите на капитал. Одлуката е донесена по состанокот на министрите за фианнсии на Еврозоната во Луксембург.
Целта на пакетот е да гарантира дека долгот на земјата е одржлив и дека Атина нема да се откаже од реформите. По излегувањето од програмата, Грција ќе биде под европско набљудување, и под многу поголема контрола отколку што беа Португалија, Кипар и Ирска.
„Изодевме долг пат, Грција и Еврозоната изодеа долг пат, и сакам да и честитам на Грција за завршување на третата програма. Солидарноста на Европа за Грција во замена за сите реформи и приспособувања е без преседан. Ова е најголемата солидарност во светот“, изјави Клаус Реглинг, директор на ЕМС.
„Владата на Грција е среќна со договорот. Сега имаме одржлив долг и пристап до пазарите, па можеме да излеземе од кризата со продолжување на одредени реформи. Но нашата влада нема да заборави низ што мина народот во последниве осум години. Вртиме нова страница. Ова е историски момент, пресвртен момент, но тоа не значи дека немаме уште многу работа. Им претстои работа на сите земји во Еврозоната“, изјави Евклидис Цакалотос, министер за финансии на Грција.
За осум години Грција доби над 273 милијарди евра помош од кредиторите, Eврозоната и Меѓународниот монетарен фонд во рамките на трите програми за спас.
Маја Филдишев
