Евроинтеграции

Заев е оптимист дека Македонија ќе почне преговори, како резултат на договорот со Грција

22.06.2018 12:58

Премиерот Заев е оптимист, и покрај тоа што Албанија нема да добие датум за преговори. Смета дека Македонија ќе добие виза за почеток на преговорите, како резултат на договорот со Грција за надминување на повеќедеценискиот спор. Заев се согласува со опозицијата референдумот да биде задолжителен...

Неколку дена пред Европскиот совет, премиерот Заев смета дека по европскиот начин на решавање на проблемот со Грција, Македонија очекува датум за почнување на преговори со ЕУ. Холандија стави вето за преговори со Албанија, а францускиот претседател е против проширување пред реформи во Унијата.

„Франција е голем пријател, ако Германија, Франција, Британија, Германија, Австрија, одат напред, тогаш и Европа ќе се движи напред и мотивацијата на нашите граѓани ќе биде уште поголема. Секако, јас се надевам на позитивна одлука, која во најмала рака ќе значи потврда на препораката за почнување на преговори, почеток на целиот овој процес. Јас сум оптимис, знам дека Европа нема да пропушти да ја охрабри и поддржи Македонија и сите нејзини граѓани“, изјави премиерот Зоран Заев.

Премиерот Заев се согласува со опозицијата дека референдумот за договорот со Грција треба да биде задолжителен и заедно по консултациите да се утврди дали ќе биде обврзувачки или консултативен. Не очекува декa исходот од референдумот ќе биде негативен.

„И грчката Влада има проблеми за ратификување на договорот со Македонија, но Грција веќе дава поддршка за евроатланските интеграции на Македонија“, вели Заев.

 

Ирина Гелевска