Евроинтеграции

Заев: Македонија со право очекува датум за преговори со ЕУ

22.06.2018 15:11

Владата очекува следната недела Македонија да добие датум за почеток на преговори со Европската унија. „Се надевам дека ниту една земја нема да остане рамнодушна на напредокот кој го демонстрира земјата“, изјави премиерот Заев. Се надева дека по позитивната одлука на холандскиот Парламент, ќе оменке и срцето на Макрон и оти поддршка ќе има и од Франција. Министерката за одбрана Шекеринска е убедена дека и до самитот на НАТО ќе се обезбеди согласност од сите членки за покана во Алијансата...

Неколку дена пред Европскиот совет, премиерот Заев смета дека по европскиот начин на решавање на проблемот со Грција, Македонија со право очекува датум за почнување на преговори со Унијата. Холандија стави вето за преговори со Албанија, а францускиот претседател е против проширување пред реформите во Унијата.

„Франција е голем пријател, ако Германија, Франција, Британија, Германија, Австрија, одат напред, тогаш и Европа ќе се движи напред и мотивацијата на нашите граѓани ќе биде уште поголема. Секако, јас се надевам на позитивна одлука, која во најмала рака ќе значи потврда на препораката за почнување на преговори, почеток на целиот овој процес. Јас сум оптимис, знам дека Европа нема да пропушти да ја охрабри и поддржи Македонија и сите нејзини граѓани“, изјави премиерот Зоран Заев.

Министерката за одбрана смета дека постигнатите резултати ќе бидат вреднувани и дека Македонија нема да ја испушти шансата да почне преговори со ЕУ и да добие покана за НАТО.

„Јас сум убедена дека до 11-ти и 12-ти јули, таа поддршка ќе ја обезбедиме и од страна на сите членки на Алијансата. Ова е многу важна цел за Македонија, македонските граѓани, македонските претпријатија, инвеститорите и странски, и домашни. Дури и финансиските институции сметаат дека поканата за членство во НАТО е она што ги отвора вратите на државата, и во економска и во социјална смисла“, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Премиерот Заев се согласува со опозицијата дека референдумот за Договорот со Грција треба да биде задолжителен, но по дополнителните консултациите ќе се утврди дали ќе биде обврзувачки или консултативен. Не очекува декa исходот од референдумот ќе биде негативен и дека договорот ќе биде ратификуван и од грчкиот Парламент.

 

Ирина Гелевска