Реформите во безбедносниот систем ќе бидат долгорочен процес

22.06.2018 15:15

Реформите во безбедносниот систем ќе бидат долгорочен процес, вели првиот човек на УБК, Горан Николовски. На конференција во Скопје, заклучено оти се потребни деполитизација на институциите и поставување професионални кадри. Отворена дебата и за случаи за кои се смета оти се политички монтирани. Обвинети и нивни адвокати се интересираа за можноста за повторно судење...

„Реформскиот процес во безбедноста е почнат, ќе биде долг и макотрпен. Враќањето на довербата на граѓаните кон полицијата е клучна за соработување во заштитата на државата“, вели првиот човек на УБК, Горан Николовски. Посочува дека е неопходна деполитизација на институциите, контрола и координација на работата на Управата, како и поставеноста на кадрите и нивниот професионализам.

На Конференцијата за реформи во безбедноста акцент ставен на спроведување на владините заклучоци за политички монтирани случаи. Во рамките на работната група се договараат правилата и начинот на постапување по барањата.

Адвокати и обвинети во повеќе случаи се интересираа за постапките за повторно судење. Тврдат дека во нивните постапки биле прекршувани човековите права, а случаите политички монтирани. Веќе имало поднесени барања, на дел им било одговорено, велат од комисијата. Нивна проценка е дека има околу 25 случаи со поголем број обвинети, но и поединечни во граѓанска и управна постапка, малку познати во јавноста.

 

Наташа Гркова- Петрушевска