Евроинтеграции

Заев: Верувам во успешен референдум

24.06.2018 15:37

Премиерот Заев верува во успешен референдум за договорот со Грција. Вели- потврден е нашиот македонски идентитет и јазик, а географската одредница Северна, на нашето име Македонија ни го отвора патот кон ЕУ и НАТО. За ВМРО-ДПМНЕ, договорот за името неприфатлив. Заев и Димитров сакаат со пенкало да ја избришат македонската нација и нејзината историја, обвинија од опозициската партија...

„Подготвен сум на лидерство, да ги водам процесите што значат безбедност и зацврстување на меѓународните позиции на Македонија. Им служам на граѓаните и на државата и работам на остварување на една голема визија, добро за сите“, вели премиерот Зоран Заев во интервју за белградска „Политика“.

Со Преспанскиот договор Заев вели дека добивме потврда на нашиот македонски идентитет и јазик, а географската одредница Северна на нашето име Македонија ни ги отвора патиштата кон ЕУ и НАТО. Ако се има добри намери и се сака, решение има за секое прашање, вели македонскиот премиер.

Оптимист е дека ќе има успешен референдум за историскиот договор, додавајќи дека ништо не зависи од од политичарите, туку единствено од народот.

„Јас сум непоправлив оптимист, како што знаете, и верувам дека референдумот ќе успее, а тоа ќе значи успех за секој граѓанин на Македонија. Но, како и да е, ние како Влада јасно ќе го образложиме својот став пред референдумот. Дали тоа ќе имаат аргументи и храброст да го направат и другите политички субјекти ќе видиме. Ама зборот на граѓаните ќе мора да го почитуваат сите, и претседателот Иванов, и опозицијата, и ние како Влада“, појаснува Заев.

Заев и Димитров со овој договор сакаат да ја избришат целата македонска нација, историја, културното наследство и државноста, прикажувајќи ја како вештачки измислена творба, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Со добрата волја на Заев, велат од опозицијата, од македонската меморија треба да се избришат Солун, Кукуш, Воден, Македонија ќе биде единствена земја која се откажува од своите егзоними.

Македонија очекува дека ќе добие датум за почеток на преговорите и покана за членство во НАТО. Писмата до Брисел дека Грција нема да се противи за македонските евроинтеграции патуваат утре. 

Наташа Гркова- Петрушевска