Хуманитарна трка во Прилеп за опремување на Центарот за лица со церебрална парализа
Прилепчани се покажаа хумани за лицата со церебрална парализа. Над илјада од прилепските компании и институции учествуваа во синоќешната рекреативна хуманитарна трка низ улиците на Прилеп. Донираа за опремувањето на дневниот центар за лицата со церебрална парализа кој ќе се отвори наскоро и е втор во земјава, по оној во Скопје. Во прилеп има над 100 заболени од оваа болест...

Преку 1.000 прилепчани ја истрчаа рекреативната хуманитарна трка низ улиците на градот за да помогнат да се опреми првиот Центар за лица со церебрална парализа. Во трката од 5 километри учествуваа вработените од прилепските компании и институции, донирајќи по 100 денари за оспособување на Центарот. Идејата ја покренаа од компанијата „Гентерм“ ја прифатија од „Конфи Ангел“, па и сите вработени во компаниите и стопанствениците.
„Ние сме компанија која има приоритети да покаже грижа за децата и за болните лица. Ова е наша прва, но не и последна акција и така ќе продолжиме“, изјави Андреј Хафенер, генерален менаџер на „Гентерм“.
„Сакам да му заблагодарам на градоначалникто за оваа акција која е мошне храбра. Како Мермерски комбинат секогаш ќе поддржуваме акции за помош на децата и болните луѓе“, рече Перикле Николау, генерален менаџер на „Мермерски комбинат“.
Во Прилеп живеат над 100 лица со церебрална парализа. Родителите среќни што заедницата помага за отворање на Дневниот центар.
За еден месец треба да се отвори Дневниот центар. Помошта е добредојдена за опремување на просториите. Досега вложија Министерството за труд и социјална политика и локалната самоуправа.
По Скопје, ова е втор Центар за лицата со церебрална парализа во земјава.
Елизабета Митреска
