Ердоган победник на претседателските избори во Турција
Нацијата ми довери одговорност - Реџеп Тајип Ердоган прогласи победа на изборите уште во првиот круг. Неговиот противкандидат Мухарем Инџе со двојно помалку гласови. Турскиот лидер ја презема функцијата со значително поголеми овластувања. Опозицијата критикува за неправилности на изборите...

Долгогодишниоте турски лидер, претседателот Реџеп Тајип Ердоган прогласи победа во првиот круг од претседателските избори во земјата на кои освои нов петгодишен мандат, овојпат со извршни овластувања. Турција воведува претседателски систем на управување. Ердоган сега е претседател, премиер и лидер на партија. Во своето обраќање до нацијата, Ердоган рече дека победници се сите 81 милион турски граѓани, потенцирајќи оти народот му ја доверил одговорноста. Се надева дека никој нема да се обиде да фрли сенка на резултатите, и како што рече да ѝ наштети на демократијата за да го скрие својот неуспех.
„Веднаш ќе почнеме да работиме на исполнување на ветувањата што им ги дадовме на граѓаните. Турција донесе одлука решително да се бори против терористичките организации, вклучувајќи ги и ПКК и ФЕТО. Резултатите покажуваат дека ќе продолжиме да ја ослободуваме сириската земја и ќе им овозможиме на гостите во нашата земја безбедно да се вратат дома“, рече Ердоган.
Турскиот претседател на изборите освои 52,5 проценти од гласовите, врз основа на 99 насто преброени ливчиња. Главниот кандидат на опозициската Републиканска народна партија, Мухарем Инџе освои 31 процент од гласовите.
Ердоган прогласи и победа на Народниот сојуз, изборна коалиција на неговата Партија на правда и развој и малата Партија за национално движење на парламентарните избори, нагласувајќи дека имаат мнозинство во парламентот во кој има 600 места.
Главната опозициска партија, пак, Народната републиканска партија освоила 22,55% од гласовите, додека Партијата за национално движење добила 11,28% од гласовите. Про-курдската Народна демократска партија освоила 10,94% од гласовите, што значи дека е над цензусот од 10% за влез во Парламентот.
Марина Ристова
