106 години од смртта на Гемиџијата Марко Бошњаков
Со поставување цвеќе пред спомен-плочата на неговата родна куќа во Стариот дел на Охрид денеска ќе биде одбележана 106-годишнината од смртта на гемиџијата Марко Бошњаков.

Охриѓанецот Марко Бошњаков беше еден од неколкумината кои ги преживеаа Солунските атентати изведени од групата млади македонски патриоти наречени солунски атентатори. Тој беше заробен од аскерот во Солун и осуден на смрт. Смртната казна му беше заменета со доживотна робија што ја отслужуваше во тогашниот злогласен затвор Музрул во Африка, каде и умре на 27 февруари 1908 година, само неколку месеци пред да се прогласи амнестијата од страна на Младотурците.
Марко Бошњаков во својот претсмртен час на неговите другари Павел Шатев и Ѓорѓи Богданов им оставил аманет „Ако телото се тркала, не дозволувајте истото да се случи и со главата“.
Единствените преживеани гемиџии, Шатев и Богданов го исполниле аманетот на Бошњаков така што ја отсекле главата од беживотното тело на Бошњаков и ја донеле во неговиот роден град.
Општинските власти пред неколку години најавија дека во паркот во центарот на градот ќе биде подигнат споменик на овој револуционер кој го даде животот за македонските идеали и слобода.
