Русија ќе ги штити своите сонародници во Крим
Русија „силно и бескомпромисно“ ќе застане во одбрана на своите сонародници, соопшти денеска руското Министерство за надворешни работи, во време на зголемени тензиите во украинскиот автономен регион Крим, каде мнозинството од населението се Руси.

Руското Министерство за надворешни работи на меѓународната сцена ќе продолжи да ги брани правата на своите сонародници и силно и бескомпромисно ќе реагира кога тие ќе бидат прекршени, се наведува на Твитер налогот на Министерството.
Во соопштението се додава дека „проширеното кршење на човековите права“ во Украина претставува причина за загриженост.
На Крим денеска дојде до заострување на ситуацијата, откако проруски настроени вооружени лица презедоа контрола врз зградите на регионалната Влада и Парламентот и на нив поставија руски знамиња.
Новите украински власти ја зголемија состојбата на готовност на полицијата.
