Турција

Ердоган победник на претседателските избори

25.06.2018 13:32

Реџеп Тајип Ердоган доби уште еден петгодишен претседателски мандат. На изборите победи уште во првиот круг. Нацијата ми даде одговорност, изјави турскиот лидер по објавувањето на резултатите. Неговиот противкандидат Мухарем Инџе освои речиси двојно помалку гласови. Ердоган ја презема функцијата со значително пошироки овластувања што беа одобрени на минатогодишниот референдум.

Долгогодишниот турски лидер, Реџеп Тајип Ердоган прогласи победа во првиот круг од претседателските избори во земјата на кои освои нов петгодишен мандат, овој пат со извршни овластувања.

Турција воведува претседателски систем на управување. Ердоган сега е претседател, премиер и лидер на партија. Во своето обраќање до нацијата, Ердоган рече дека победници се сите 81 милион турски граѓани, потенцирајќи оти народот му ја доверил одговорноста.

Се надева дека никој нема да се обиде да фрли сенка на резултатите и како што рече, да ѝ наштети на демократијата за да го скрие својот неуспех.

„Веднаш ќе почнеме да работиме на исполнување на ветувањата што им ги дадовме на граѓаните. Турција донесе одлука решително да се бори против терористичките организации, вклучувајќи ги и ПКК и ФЕТО. Резултатите покажуваат дека ќе продолжиме да ја ослободуваме сириската земја и ќе им овозможиме на гостите во нашата земја безбедно да се вратат дома“, изјави Ердоган.

Турскиот претседател на изборите освои 52,5 проценти од гласовите, врз основа на 99 насто преброени ливчиња. Главниот кандидат на опозициската Републиканска народна партија, Мухарем Инџе освои 31 процент од гласовите.

Турските граѓани со поделено мислење за исходот од гласањето.

„Нашиот претседател повторно ќе биде лидер, продолжува традицијата долга 16 години. Тоа е најдоброто нешто за народот“, вели еден студент.

„Кога ја гледаме изборната пропаганда, изненадени сме кога другата страна го нарекува Ердоган џентлмен. Не знаеме како успеа, но народот го избра“, вели еден граѓанин.

Ердоган прогласи и победа на Народниот сојуз, изборна коалиција на неговата Партија на правда и развој и малата Партија за национално движење на парламентарните избори, нагласувајќи дека имаат мнозинство во Парламентот во кој има 600 места.

Главната опозициска партија, пак, Народната републиканска партија освоила 22,55% од гласовите, додека Партијата за национално движење добила 11,28% од гласовите. Про-курдската Народна демократска партија освоила 10,94% од гласовите, што значи дека е над цензусот од 10% за влез во Парламентот.

 

Марина Ристова