Стразбур

Анагностопулу: Договорот меѓу Грција и Македонија ќе биде целосно реализиран

26.06.2018 10:44

Договорот меѓу Грција и Македонија ќе биде целосно реализиран, вели во интервју за МТВ пратеникот на СИРИЗА во ПССЕ, Атанасиа Анагностопулу. Со спречувањето за влез на Поранешната југословенска Република Македонија во ЕУ се минира договорот, вели грчката пратеничка...

Парламентарното Собрание на Советот на Европа го поздрави потпишувањето на договорот меѓу Република Македонија и Грција во однос на спорот за името. На ова тема имавме можност да поразговараме со грчката пратеничка Атанасиа Анагностопулу.

„Јас сум сигурна дека договорот ќе биде реализиран, бидејќи верувам, дека двата народи од Грција и ПЈРМ добро сфатија дека овие дваесет години на конфликт, тоа беше конфликт кој немаше многу вистински историски влогови и треба да биде завршен за доброто на двете земји. Мислам и исто така се надевам дека тој ќе биде исполнет до крај од двата народи“, вели за МРТ пратеничката Анагностопулу.

Анагностопулу понатаму ги објаснува причините за противењето на договорот во двете земји.

„Мислам дека има повеќе причини. Првата е дека во нашите балкански земји има национализам кој што е вкоренет во минатото. Веруваме дека можеме да го промениме минатото реагирајќи против сегашноста и иднината. Тоа е првата причина, втората причина е порастот на национализмот и на ултранационализмот во цела Европа. Тоа се стари, но и нови националистички движења. Треба да се пружи отпор на тие национализми и да се најде демократскиот пат, бидејќи меѓународните односи и односите меѓу земјите се демократски и треба да бидат демократски. Затоа, за мене овој договор е пред се демократски договор, а нашите два народи да ја покажат на дело демократијата и да ги остават настрана национализмите кои водат до оддалечување на народите и земјите да бидат во бескраен конфликт и без никаква иднина“- смета грчката пратеничка.

Како добар познавач на историјата таа нагласува дека истата треба да се учи во континуитет и тогаш ќе се види дека двата народи нема многу нешта кои ги делат. Грчката парламентарка притоа предупредува на опасноста од незапочнување на преговори за членство во ЕУ за Република Македонија.

„Гледаме дека на Балканот, кој секогаш е обвинет за национализми, две балкански земји со голема историска тежина пронајдоа начин и волја да изградат демократски, не националситички и не шовинистички мостови меѓу две земји. Гледаме на крајот дека Европа сака да ги искористи конфликтите меѓу земјите и да создаде друга нарација за Балканот. Со спречувањето сега ПЈРМ да влезе во ЕУ, се минира договорот меѓу Грција и ПЈРМ. Мислам дека балканските земји треба да бидат членки на ЕУ, бидејќи Балканскиот Полуостров е пред сѐ европски полуостров. Историјата, неговата сегашност и иднина е европска, сите европски земји треба да бидат на висината на предизвикот. Бидејќи ако ја попречуваат европската иднина на ПЈРМ, Албанија или други земји, ја спречуваат општата европска иднина, бидејќи така национализмите и шовинизмите, кои се сега реалност во Европа ќе бидат потхранувани од ова“, изјави Анагностопулу.

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ