Свет

Во Америка пожари, во Европа снег

26.06.2018 12:51

Во Северна Калифорнија беснеат пожари- прогласена вонредна состојба, жителите бегаат од домовите. На стариот континент, пак снег и ниски температури. Во Романија измерени дури -10 степени...

Илјадници луѓе биле евакуирани поради шумските пожари што избувнаа во руралните области северно од Сан Франциско, Калифорнија. Одделот за шумарство и заштита од пожари соопшти дека пожарите и натаму им се закануваат на стотици куќи и компании, но и дека засега нема информации за повредени или загинати.

Околу 3.000 луѓе биле евакуирани од областа Лејк, каде што огнот зафатил површина од 31 квадратен километар и уништил 12 објекти. Властите наредиле евакуација и на жителите од областа Техејм, која се наоѓа 322 километри северно од Сан Франциско, каде што горат два пожара.

„Нема промена во насоката на ветрот. Тоа сѐ уште претставува закана“.

На терен работат околу 230 пожарникари, кои со помош на хеликоптери, булдожери и друга опрема, се обидуваат да го стават пожарот под контрола. Сѐ уште не е утврдена причината за пожарите.

Ниски температури и снег во дел од Европа

Во Европа пак, невообичаено ниски температури за овој период од годината. На планинскиот врв Кредарица во Словенија изутрината паднал снег. Снег го покри романскиот дел од Карпатите, а температурата на воздухот на одредени места падна под 9 степени целзиусови.

Минус два степени се забележани на југозападот од планината во Тарк, а минус еден степен на врвот Ом. Најстудено во регионот било на Бјелашница во Босна и Херцеговина, каде биле измерени два степена.

 

Марина Ристова