Премиерот Заев очекува зголемен број инвестиции од Австрија

26.06.2018 13:53

Премиерот посочи дека очекува отворање на евроатланските интеграции, со што стануваме атрактивна дестинација за инвестирање.

Премиерот Заев е во официјална посета на Австрија. Оствари средба со бизнисмени од оваа земја. Премиерот посочи дека очекува отворање на евроатланските интеграции, со што стануваме атрактивна дестинација за инвестирање.

„Ја надминавме политичката криза, ја стабилизиравме државата градејќи едно општество за сите, правиме суштински реформи за владеењето на правото и воспоставување правна држава, затоа и добивме чиста препорака од ЕУ. Сега со право за нашите напори и резултати очекуваме и датум за почеток на преговорите со ЕУ. Очекуваме и покана за НАТО. Ова за нас значи стабилност, безбедност, нови инвестиции, нови работни места, економски развој“, порачал премиерот Заев, кој е придружуван од вицепремиерите за економски и европски прашања Кочо Анѓушев и Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Според владиното соопштение, Заев изразил надеж дека ќе се зголеми бројот на австриски инвеститори во Македонија, а таков повратен охрабрувачки одговор добил и од претставниците на австриската Стопанска комора.

Австриските бизнисмени констатираа дека се отвораат можности за развој на економската соработка, по позитивните промени во Македонија. Австриските бизнисмени го поддржаа и повикот на премиерот Заев и на вицепремиерот за економски прашања, Анѓушев, да помогнат со австриските искуства околу едукацијата со цел создавање квалификувани и конкурентни работници, се наведува во соопштението.

Пред австриските бизнисмени е претставен владиниот економски развоен план, со кој, како што објаснил вицепремиерот Анѓушев, Владата покажува разбирање за стопанствениците, а со тоа и за условите во кои работат работниците.