Поплави во летувалиштата во Грција
Нема информации за повредени или загинати. Најпогодена е областа Никити Ситониа. Поради невремето, автомобили и канти за отпадоци завршиле во морето.

Поројните дождови и невремето што ја погоди Грција предизвикаа сериозни проблеми и материјална штета во повеќе делови низ земјата. Поплави на Халкидики. Зафатени се повеќе места, улиците се претворени во реки, нанесена е голема материјална штета на инфраструктурата, уништени се домови и возила. Нема информации за повредени или загинати. Најпогодена е областа Никити Ситониа. Поради невремето, автомобили и канти за отпадоци завршиле во морето.
Двајца биле спасени од автомобил што паднал во море, додека во друг случај, интервенирала Противпожарна служба и спасила четворица заглавени во автомобил. Штети има и на првиот крак, во областа Касандра, Сивири и Неа Фокеа. Силни врнежи од дожд беа забележани и во североисточниот дел на Халкидики, каде што голем дел од патиштата се затворени за сообраќај.
Во Лариса и Волос, поплавени се крајбрежните делови, додека пак во атинското предградие Мандра, во западниот дел на областа Атика, противпожарната служба интервенирала за да спаси граѓани заглавени во автомобили и на балкони.
Стариот автопат Атина- Коринт затворен за сообраќај.
Засега не се загрозени туристичките вили и апартмани, бидејќи водата не се задржува туку се слива низ улиците.
Марина Ристова
