Вооружени луѓе заземаа владините згради на Крим
Вооружени луѓе ги зазедоа регионалната влада и парламентот на Крим, фрлајќи ги во сенка тектонските политички промени во Киев.

Групата не носи препознатливи симболи за да биде идентификувана и уште не ги изнела своите барања.
„Сигурно беа војници, бидејќи така не би направила ни полицијата ни кој било друг. Сигурно се руска паравојска или како и да се нарекуваат“, вели очевидец.
Во главниот град Симферопол спонтано се формираат единици за самоодбрана. Додека во Киев се случуваат тектонски промени на власта, тежиштето на украинската криза се префрла на Крим, каде што во судирите на татарските и руските демонстранти вчера загинаа две лица.
„Никој нема да ви се меша во јазикот, културата и правото на автономија. Ви давам лична гаранција за тоа“, им порача опозицискиот лидер на „Удар“ Виталиј Кличко.
А во Киев, Врховната Рада денеска треба да ја изгласа новата влада именувана од Мајданот, во која се најдоа повеќе демонстрантски лидери и опозициски претставници. Предложениот премиер Јаценјук порача – добредојдовте во пеколот. Како што рече, земјата е на работ на катастрофа, а владата на политички самоубијци ќе мора да носи крајно непопуларни одлуки, бидејќи претходната власт на Јанукович била толку корумпирана, што ја довела земјата во очајна финансиска ситуација. За претседателското место се кандидираат опозициските лидери Тимошенко, Кличко, Тјагнибок.
Ивана Салтировска
