Заев: Заклучоците на ЕУ- јасен патоказ за иднината на нашата држава
„Јасен патоказ за иднината на нашата држава“, вели премиерот Заев. Според него, одлуката е поттик за продолжување со реформите до постигнување на крајната цел – членство во Еу и во НАТО. Претседателот на Собранието, Џафери очекува целосно спроведување на Договорот со Грција до крајот на годинава...

Премиерот Зоран Заев е задоволен од условената препорака за почеток на преговорите за членство во Европската унија во јуни 2019-та. Тоа е мотивирачка одлука за Македонија, посочи тој во своето излагање на РОС- РОТ семинарот. Имајќи предвид дека во мај 2019-та година се изборите за Европскиот парламент, одлуката на ЕУ е комплетно со нашите очекувања, вели Заев.
„Почетокот на преговорите за членство во јуни значи јасен патоказ за иднината на нашата држава и напредок во поглед на нашите европски интеграции. Сето она што го изминавме досега е препознаено во одлуката на Советот на министри за надворешни работи на земјите- членки на ЕУ и ни дава стимул и кураж да грабиме напред уште повеќе“, нагласи премиерот Заев.
Не треба да влијае фактот дека се одложува почетокот, бидејќи датумот се определува, а тоа е јуни следната година. Треба да ги направиме сите подготовки за во најкраток рок да ги затвориме поглавјата, вели собранискиот спикер Џафери.
„Јас сум убеден дека договорот кој го потпишаа Република Македонија и Република Грција, најдоцна го крајот на годинава ќе биде имплементиран од двете страни во целост. Ние во декември оваа година, или на почетокот на јануари ќе станеме 30-тата полноправна членка на НАТО“, изјави претседателот на Собранието, Џафери.
Поранешниот американски специјален пратеник за Балканот, Џејмс Пердју земјава ја ословуваше со Северна Македонија. Рече дека новото име одлично звучи, а Заев и Ципрас докажале дека преку дијалог е можно да се постигне договор.
„Придобивките од договорот треба да се видат уште на следниот НАТО самит, којшто ќе се случи за две недели. Еден процес кој ќе ја однесе Северна Македонија на патот кон полноправно членство во НАТО“, рече Пердју.
Во својство на шеф на делегацијата во Парламентарното собрание на НАТО, пратеникот Илија Димовски истакна дека Македонија верува во демократските вредности и принципи на ЕУ и НАТО, иако за членството во нив се соочува со поголеми пречки од другите.
„Убеден сум дека членството на Македонија во НАТО, дополнително ќе придонесе за зајакнување на јужното крило на Алијансата која е соочена со сериозни предизвици од напливот на мигранти од средниот исток и север на Африка и заканата од терористички напади“, изјави Димовски.
Перспективата за евроатланска интеграција на Македонија има повеќе предности- трансформација на општеството, јакнење на армијата, но од друга страна, земјата може да докаже дека алијансата има сигурен сојузник, беше кажано на РОС- РОТ семинарот.
Миле Ристески
