САД: Претставничкиот дом го отрфли Законот за имиграција

28.06.2018 12:48

Гласањето покажа дека јазот меѓу умерените и конзеративните Републиканци е преголем за да се избегне уште еден приказ на поделеност по прашањето за имиграцијата.

Претставничкиот дом на Конгресот на САД го отфрли предлог- законот за имиграција, иако го поддржа претседателот Трамп. Со законот требаше да се обезбеди долгорочна заштита на младите мигранти кои во САД се доведени како деца и кои сакаат да ги остварат своите соништа, како и да се реши прашањето за децата одвоени од родителите на граница.

Гласањето покажа дека јазот меѓу умерените и конзеративните Републиканци е преголем за да се избегне уште еден приказ на поделеност по прашањето за имиграцијата.

Против законот гласаа 301 конгресмен, меѓу кои речиси половина Републиканци, додека „за“ гласаа само 121.

Во меѓувреме, Министерството за внатрешна безбедност на САД, побара на територија на воена база да се подготват места за сместување 12.000 илегални имигранти со нивните семејства, вклучувајќи и деца, приведени во момент на нелегално преминување на јужната граница на државата.

Според информациите, првите 2.000 места треба да бидат готови за 45 дена, а останатите по потреба. Местата треба да бидат опремени според нормите утврдени од страна на американските власти, вклучително и тие за престој на деца. Предвидено е во нив да има клима, библиотеки, самостојни бањи со тушеви, како и медицински персонал. Сѐ уште не е прецизирано која воена база е избрана за целта.

Претходно 17 сојузни американски држави поднесоа тужба против администрацијата на претседателот Доналд Трамп, за да ја запрат, како што велат, „суровата и незаконска“ политика на присилно раздвојување на имигрантските семејства, кои влегуваат од Мексико.

Трамп на 20-ти јуни потпиша указ со кој на имигрантските семејства, кои илегално ја минале јужната граница на САД, им се овозможува да бидат заедно додека го чекаат исходот од имигрантската постапка.

 

Марина Ристова