Авиосообраќај

Објавен јавен повик за субвенционирање нискобуџетни авиокомпании

28.06.2018 13:31

Министерството за транспорт и врски распиша јавен повик за субвенционирање нискобуџетни авиокомпании. Целта е да се понудат нови дестинации по ниски цени. За наредните три години одвоени 5 милиони евра...

Во август се очекува да се потпише договор со новата нискобуџетна авиокомпанија што ќе оперира на македонските аеродроми. Министерството за транспорт го распиша јавниот повик за субвенции за нови дестинации. Операторот во наредните три години ќе добие финансиска поддршка од пет милиони евра, а за секоја нова дестинација од Скопје и Охрид ќе ѝ се исплаќа еднократен надомест од 40.000 евра.

„Владата донесе програма со која од буџетот на Министерството за транспорт и врски со која се предвидуваат вкупно средства во висина од 312,4 милиони денари, или 5 милиони евра, и тоа 49,7 милиони денари за 2018-та, 104,2 милиони денари за 2019-та година, 104,2 милиони денари за 2020-та година и 54,2 милиони денари за 2021-ва година“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Компаниите што ќе аплицираат треба да имаат превезено најмалку 10 милиони патници и профит од 25 милиони евра за минатата година. За предност се смета ако понуди нови дестинации кои ги нема во редовниот воздушен превоз.

„Бројот на патници превезени од Виз ер во 2011-та година, изнесуваше 4,33 проценти, за во 2017-та година да дојде до 58,9 проценти. Бројките покажуваат дека ова беше постапка со позитивни крајни резултати и со новиот повик сметаме дека со целото досегашно искуство, сето ова ќе се подобри и ќе имаме уште поголем бенефит“, вели Светлана Глигоровска, Сектор за воздухопловство.

Компанијата што ќе биде избрана до ноември треба да стартува со најмалку две дестинации од аеродромот во Скопје, а од Охридскиот со најмалку четири.

 

Дијана Ценевска