Постигнат компромис за миграцијата на самитот на ЕУ
По долги и макотрпни преговори, Европскиот совет постигна согласност за мигрантите. 28-те земји членки се договорија да отворат центри за прием на бегалци на европско тло на волонтерска база и да ја разгледаат опцијата за тоа и надвор од Унијата. За јакнење на надворешните граници на Унијата, ќе има финансиска помош за Турција и за земјите од Северна Африка...

Лидерите на Европската унија по речиси 10 часа тешки преговори постигнаа договор за миграцијата. Медиумите пишуваат дека чувствителното прашање ја загрозуваше ЕУ и зоната на слободно движење низ неа, но и Владата на германската канцеларка Меркел.
Деталите од договорот не се соопштени, но францускиот претседател Макрон изјави дека победила европската соработка.
„Постигнат е договор и тоа се добри вести за Франција. Тоа е резултат на заедничката работа која ни дозволи да имаме кохерентен пристап до феноменот миграција, како и да соработуваме со третите земји, особено Африка, но исто така и Блискиот Исток. Европа долго време ќе мора да живее со миграциски притисоци од земји во криза и од сиромашни земји. Но, ние мора да успееме соочувајќи се со овој предизвик така што ќе си останеме доследни на сопствените вредности, притоа заштитувајќи ги нашите народи и национална кохезија“, рече францускиот претседател, Емануел Макрон.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки изјави дека станува збор за добар компромис, а италијанскиот премиер Џузепе Конте, рече дека Италија повеќе не е сама. Тој претходно стави до знаење дека нема да се согласи на никакво заедничко соопштение додека не го добие тоа што го сака поврзано со миграциите. Германската канцеларка Меркел наведе дека миграциското прашање е предизик кој може да ја реши судбината на ЕУ.
„Сѐ на сѐ, по интензивни разговори за најпредизвикувачката тема за Европската унија, добар сигнал е тоа што се согласивме на заеднички текст, сепак, сѐ уште имаме многу работа за да ги надминеме разликите“, рече германската канцеларка Ангела Меркел.
Британската премиерка Меј, изјави дека се постигнати позитивни заклучоци.
„Се согласивме дека е потребно да се преземат повеќе акции во земјите од каде што потекнуваат мигрантите, за да се осигураме дека луѓето нема да имаат потреба да тргнуваат на така опасни патувања на кои, како што гледаме луѓето се уште гинат“, изјави британската премиерка, Тереза Меј.
Некои од предлозите во текот на преговорите вклучувале формирање „контролни центри“ во европските држави кои доброволно би се пријавиле. Оттаму мигрантите кои би имале право на азил би можеле да заминуваат во земјите што ќе ги прифатат. Лидерите, меѓудругото се согласија и да ги зајакнат надворешните граници на Унијата, со поголема финансиска помош на Турција и Северна Африка за да не се случат повторно истите напливи на мигранти како во 2015-та.
Марина Ристова
