Европскиот совет со поддршка за почеток на преговори со Македонија
Европскиот совет ги потврди заклучоците од министерскиот совет за условена препорака за преговори на Македонија во јуни идната година. Околу 20-ти јули, со посетата на еврокомесарот Јоханес Хан, почнува процесот на скрининг по поглавја...

Македонија добива условен датум за почеток на преговорите за членство во јуни следната година. Тоа значи дека во наредниот период треба да се заврши домашната работа. Скрининг процесот почнува веднаш.
На прво место е спроведување на договорот со Грција, а ќе следуваат и насоки за имплементирање на итните реформски приоритети. Ќе се врши скенирање на состојбата на поглавјата што се нотирани заедно со датумот за преговорите: владеење на правото и правосудството, безбедносните служби, јавната администрација и фундаменталните права.
Следува препорака на Европската Комисија, и доколку се исполнат условите првата меѓувладина конференција би почнала пред крајот на 2019-та година.
Европскиот Совет го поздрави и договорот со соседна Бугарија. Добрососедските односи и соработката испраќаат позитивен пример на другите држави во регионот за јакнење на соседските односи.
Американскиот Стејт департмент ја поздрави одлуката на Советот на ЕУ да предложи план за отворање пристапни преговори со Македонија и Албанија во јуни 2019-та година и уште еднаш ја потврдува важноста на постигнатиот Договор со Грција.
„Одлуката на Советот ги нагласува силните напори што двете земји ги направија во имплементација на реформите за усогласување на нивните закони со стандардите на ЕУ. Историскиот договор за решавање на прашањето на името ги зајакнува регионалната безбедност, просперитетот и заедничката иднина на двете земји“, истакнуваат од Стејт департментот.
Марина Стојанова- Тонева
