НАТО: Покана на јулскиот самит, членство по имплементирање на договорот со Грција
Добредојдовте во НАТО. Вратата е отворена, а вие сте на прагот, изјави генералниот секретар на Алијансата, Столтенберг по средбата со премиерот Заев. Очекува Македонија на јулскиот самит да добие покана за почеток на разговорите за пристапување. Сепак појасни- без финализирање на договорот со Грција, земјава не може да биде членка на НАТО.

За две недели на самитот на НАТО, Македонија ќе добие покана за да ги започне преговорите со Алијансата. Ќе стане полноправна членка- тогаш кога ќе го спроведе договорот со Грција. Ова е пораката на генералниот секретар на организацијата, Јенс Столтенберг дадена денеска во Брисел на прес- конференција со премиерот Зоран Заев.
Столтенберг рече дека не сака да се меша во работата на институциите и начинот на којшто ќе го имплементираат договорот. Едноставно, рече дека сака да верува оти македонските граѓани ќе ја препознаат оваа историска можност и ќе работат за свое добро. Го пофали договорот со Грција. Рече дека на тој начин се покажува како една земја сака да ја зачува стабилноста и мирот.
Премиерот Заев задоволен од средбите во Брисел. Рече дека оваа недела слушнал исклучително добри вести за земјава.
„Очекувам за две недели членките на Алијансата да ве подрдржат за добивање покана за преговори за придружување во НАТО. Кога сите национални процедури ќе се завршат, ќе се финализира договорот со Грција, вие ќе станете членка на НАТО. Без завршување на договорот вашата земја не ќе може да стане членка во догледна иднина, тоа е историска можност што не смее да се пропушти. Договорот беше долго време сенка врз Балканот, за регионот, но сега има шанса за посветла иднина. И договорот со Атина беше пресвртница. Ова е модел за мир и консолидација на регионот. Добредојдовте во НАТО“, нагласи првиот човек на Алијансата, Јенс Столтенберг.
„Чекор по чекор, за само една година, нашата земја го постигна она што никој не можеше да го предвиди. Нашиот пристап кој обедини силна политичка волја, искрен дијалог и подготвеност за решение, овие денови ни донесе повеќе радосни вести и одлуки. Остнауваат нашите домашни задачи, но сега имаме навистина околу што да се обединиме на широкиот автопат и заедно да кажеме- да за нашата иднина, да за македонската иднина. Да- да бидеме силни заради нас, за нашата држава и заради иднината на нашите следни генерации. Да кажеме да за нашиот сојуз со земјите- членки на НАТО, тоа ќе ни овозможи безбедна иднина, сигурни општества, општества во кои ова членство ќе обезбеди амбиент за економски раст, за благосостојба на сите наши граѓани“- нагласи премиерот Заев.
Откако Македонија ќе ја добие поканата за започнување на преговорите, процесот би требало да изгледа вака- сите 29 земји членки ќе треба да го потпишат договорот и да го ратификуваат во своите земји. А, кога ќе се имплементира договорот со Грција, Македонија конечно ќе стане 30-та земја членка во НАТО Алијансата.
Катерина Топалова, специјален известувач од Брисел за МРТ
