Петмина загинати во напад врз медиум во Мериленд
Идентификуван напаѓачот кој отвори оган во редакција на локален весник во Мериленд. Имал поднесено тужба против медиумот. Црниот биланс - петмина загинати и повеќе повредени...

Петмина загинати и повеќе повредени во вооружен напад во Мериленд. 38- годишник, идентификуван како Џерод Рамос упаднал во весникот „Капитол Газет“ во Анаполис. Сакал да се одмазди за натпис во весникот дека вознемирува жена преку социјалните мрежи, за што признал дека е виновен на суд. Напаѓачот го тужел весникот во 2012-та, но тужбата била одбиена. Потоа се заканувал на весникот преку Фејсбук страница, а пред 5 години била повикана и полицијата да интервенира. Нападот го извршил со пушка сачмарка, димни и шок бомби. Новинарите се обиделе за избегаат, но вратата била блокирана.
„Уапсениот се подготвувал за нападот. Имал намера да им наштети. Истрагата ќе биде темелна за тоа што се случувало подолго време. Знаеме дека имало закани до весникот преку социјалните медиуми“, изјави Бил Крампт- заменик шериф во Анаполис.
Рамос бил уапсен од полицијата пред зградата на весникот и не давал отпор при апсењето. Не носел документи за идентификација и имал оштетени отисоци од прстите на рацете. Бил идентификуван од полицијата преку фотографии.
Реагираше и Белата куќа. Портпаролката Сара Сендерс на „Твитер“ напиша дека силно го осудуваат злобниот акт на непотребно насилство во Анаполис, насилни напади врз невини новинари кои си ја работат својата работа е напад врз секој Американец.
Рамос денеска беше изведен пред суд и обвинет за пет првостепени убиства.
Ирина Гелевска
