Договорот со Грција по вторпат пред пратениците на 5-ти или на 6-ти јули
На 5-ти или 6-ти јули ќе се одржи собраниска седница на која по вторпат ќе се гласа за Законот за ратификација на договорот меѓу Македонија и Грција, најави собранискиот спикер Џафери, на брифинг со новинарите. Претседателот Иванов не го потпиша указот бидејќи сметаше дека Законот е противуставен и дека озаконувањето на спогодбата е кривично дело...

Законот за ратификација на Договорот со Грција се враќа повторно пред пратениците. На пленарка ќе биде на 5-ти или 6-ти идниот месец, најави собранискиот спикер Џафери. Очекува дека и по втор пат ќе добие виза од народните избраници.
Ако повторно не го потпише указот, Иванов ќе воведе лоша практика на мешање на надлежностите на властите односно преземање на надлежностите кои му припаѓаат на Собранието, смета Џафери. Рече дека ќе се употреби исто решение за Договорот и за Законот за употреба на јазиците. Едно од нив е тие да бидат испратени во Службен весник без потпис на претседателот Иванов.
Претседателот на Собранието смета дека до крајот на јули законодавниот дом мора да донесе одлука за распишување референдум. Според него, доколку изјаснувањето биде позитивно, за уставни измени се потребни четири месеци.
Ако процедурата почне во почетокот на октомври, можно е до Нова година да се заврши со измените на највисокиот правен акт, вели Џафери. Именувањето на претседател и членови на ДИК можно е да биде на редовна седница на 17-ти јули или порано на итна седница, доколку собраниската Комисија за избори и именувања излезе со кадровските решенија за ДИК, појасни собранискиот спикер.
Игор Панов
