Паские: Очекувам договорот меѓу Македонија и Грција целосно да се имплементира
Новоизбраната претседателка на Парламентарното Собрание на Советот на Европа очекува дека договорот меѓу Македонија и Грција целосно ќе се имплементира. Паские посочува и на неучеството на нашата делегација на сесиите изминативе години...

Парламентарното собрание на Советот на Европа го поздрави постигнувањето на договорот меѓу Република Македонија и Грција во однос на спорот околу името на нашата земја. Новоизбраната претседателка на ПССЕ, се надева дека овај договор ќе биде реализиран докрај.
„Го поздравувам договорот кој беше постигнат меѓу двете влади и се надевам дека тој ќе доведе до промена која ќе биде многу добредојдена во тој регион. Тоа исто така ќе биде знак дека и покрај движењата против договорот и антагонизмите меѓу различни земји, тоа ќе биде доказ дека можеме да ги надминеме и да направиме чекор во добра насока со соработка на целиот континент. Односно, да се развива и одржува мирот на целиот континет“, изјави Лилиан Мори Паские, претседателка на ПССЕ.
Швајцарската парламентарка Лилиан Мори Паские, ја презеде функцијата претседател на најстарата паневропска асамблеја, во момент кога таа одлучи да се справи со корупцијата во своите сопствени редови.
Паские е одлучна да го врати угледот на ПССЕ, што оди и со поголема вклученост на националните парламентарни делегации во неговата работа.
Имено не остана незабележано дека македонската собраниска делегација во последниве години и не само таа, била редовно нецелосна или пак комплетно отсутна од четирите годишни сесии во Стразбур. Најчесто поради важни дебати во националните парламенти или внатрешни политички кризи.
Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ
