Левичарскиот популист Обрадор избран за претседател на Мексико
Мексико доби нов претседател. По неколку децении, на чело на државата застанува левоориентираниот Мануел Лопез Обрадор. Неговиот противкандидат Хозе Антонио Меад го призна поразот...

Суштински промени, искоренување на корупцијата и борба против социјалната нееднаквост најави новоизбраниот мексикански претседател од левицата Андрес Мануел Лопез Обрадор. Поранешниот градоначалник на Мексико сити, познат како Амло, доби поддршка од околу 53% од гласачите. 64- годишниот наследник на Нието вети и удвојување на пензиите и подобрување на односите со САД кои беа влошени поради несогласувањата за трговијата и мигрантите. Челникот на Белата куќа му ја честиташе победата на наследникот на Нието.
„На овој историски ден, мнозинството граѓани одлучи да ја започне четвртата трансформација на мексиканскиот јавен живот. Им благодарам на сите кои гласаа за нас и ни дадоа доверба да го спроведеме процесот на вистинска промена. Различни организации го признаа нашиот триумф, нашата победа. Ги повикувам сите Мексиканци на помирување“, изјави Андрес Мануел Лопез Обрадор, претседател на Мексико.
Честитки за успехот на третата кандидатура за претседател Обрадор доби и од неговите ривали. Неговиот против кандидат Хозе Антонио Меад го призна поразот.
„Демократијата не функционира без демократи. Верувам во демократијата, и како демократ, јас ја признавам неговата победа, му честитам на Обрадор и му посакувам успех за доброто на Мексико“, вели Рикардо Кортес, претседателски кандидат од „НАП“.
„Отсекогаш ги бранев правото и институциите. Верувам во демократијата и сега имам одговорност да го признаам резултатот. Му благодарам и на претседателот Нието за можноста да се биде дел од оваа трансформација“, изјави Хозе Антонио Меад, претседателски кандидат од „ПРИ“.
Паралелно со претседателските избори се бираа и сенатори и заменици во мексиканскиот конгрес. Предизборната кампања беше прогласена за најкрвавата во историјата на Мексико со најмалку 145 убиства на политичари.
Маја Филдишев
