Зехофер понуди оставка од Владата на Меркел
Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер најави повлекување од функцијата и од лидерската позиција во својата Христијанско-социјална унија. Причина- недоволната поддршка од сопартијците во однос на политиката кон мигрантите. Зехофер е против заклучоците од Самитот на Европската унија и протежира унилатерални постапки на Германија за мигрантите...

Германскиот министер за внатрешни работи и лидер на Христијанско- социјалната унија, Хорст Зехофер, ѝ понуди оставка на канцеларката Ангела Меркел, незадоволен од исходот на Самитот на Европската унија на кој се утврди новата миграциска политика.
Експертите сметаат дека тоа придонело да порасне опасноста од пад на германската Влада. Зехофер и Меркел влегоа во конфликт околу мигрантската политика откако тој најави дека ќе ги искористи своите овластувања како министер за внатрешни работи да нареди враќање на дел од мигрантите кои се обидуваат да влезат во Германија.
Понудата за оставка сѐ уште се смета како неофицијална, и постои можност Зехофер да се премисли. Тој најави дека очекува да има средба со канцеларката Ангела Меркел, на која ќе се разговара за неговата понуда да се повлече од функцијата.
„Ќе разговараме со ЦДУ во ЗБерлин и се надеваме дека ќе постигнеме договор. Тоа беше побарано итно и е во интерес на оваа земја и за капацитетот на оваа Влада. За сѐ друго ќе видиме понатаму“, изјави Зехофер.
На средбата во Берлин, Меркел и Зехофер ќе настапат и како лидери на партиите чија повеќедецениска коалиција е во криза околу мигрантското прашање. Зехофер се соочува со тешки регионални избори во Баварија, каде ЦСУ, која е регионална баварска конзервативна партија, губи гласови во полза на отворено анти-имигрантската партија АФД.
На последните избори во септември минатата година, на кои двете партии настапија заеднички, освоија 246 места во Бундестагот, од кои 46 им припаѓаат на пратениците на Христијанско-социјалната унија. Заедно со СДП формираа влада со 53,4 насто пратенички места од кои 20, 5 проценти ги заземаат Социјалдемократите.
Марина Ристова
