Коблер: Никогаш не сте биле поблиску до ЕУ
Австрија ги поддржува македонските евроинтеграции. Амбасадорката Коблер потенцира дека Македонија никогаш не била поблиску до членство во Европската унијата. Вицепремиерот Османи побара консензус од сите политички партии во исполнувањето на обврските. ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во работата на Комисијата за европски прашања.

Проширувањето на Европската унија останува приоритет и за австриското претседателство со Унијата. Амбасадорката Коблер го поздрави напредокот на Македонија и подобрувањето на соседските односи со Бугарија и со Грција. Истакна дека Австрија е заинтересирана за стабилноста на соседите на ЕУ бидејќи од тоа зависи и нејзината безбедност.
„Никогаш не сте биле поблиску до ЕУ. Јасната европска перспектива на Западниот Балкан останува приоритет на австриското претседателство“, изјави Ренате Коблер-амбасадор на Австрија во земјава.
Македонија ќе ги продолжи реформите и ќе го финализира договорот со Грција, изјави вицепремиерот за европски прашања Османи. Од Австрија како пријателска држава очекува реално оценување на постигнатите резултати во реформите. На собраниската Комисија за европски прашања не присуствуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
„Постои политички консензус меѓу сите политички партии за членство во НАТО и ЕУ. Време е заложбите да се спроведат во дело како што стои во програмите на партиите“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.
Приоритети на австриското претседателство ќе бидат спречување на илегалната миграција и реформи на европскиот систем за азил. Официјална Виена ќе работи на подготовка на новиот буџет на Унијата и излегувањето на Британија од ЕУ и создавање на единствен дигитален пазар.
Ирина Гелевска
