Евроинтеграции

Потребни се сериозни реформи за да започнат преговорите за членство во ЕУ

02.07.2018 13:43

Република Македонија за една година мора да презентира сериозни реформи во судскиот систем, јавната администрација и во системот за безбедност доколку сака наредната година да ги започне преговорите за членство во Европската унија. Ова беше речено на почетокот на летната школа што во организација на МАНУ се одржува во Охрид. При тоа беше посочено дека не треба само да се носат законите, туку и да се имплементираат, бидеќи тоа е единствениот пат кој води во ЕУ.

Најголем дел од рефлекторите на ЕУ ќе бидат насочени кон Министерството за правда, каде што се очекува за една година да бидат завршени голем дел од реформите. Ова во Охрид го изјави министерката, Рената Дескоска, при што нагласи дека таа е оптимист дека ќе стигнат навреме да ги завршат сите поставени приоритетни задачи.

„Се надевам дека после тоа ќе добиеме и консензус од сите политички партии чие што мнозинство е неопходно во парламентот, имајќи во предвид дека добар дел од законите се носат со двотретинско мнозинство“, изјави министерката за правда, Рената Дескоска.

Законите ќе се напишат и донесат, но секогаш проблем е нивната имплементација. Заради тоа е многу важно што земјата постојано ќе биде под мониторинг на ЕУ.

Добро е што ќе се отворат преговорите, бидеќи низ таква пресија и со таков мониторинг ќе можеме да одиме напред. Инаку тешко оди, ќе ги донесете законите, нема имплементација и се останува на почетна точка“, вели академик Таки Фити, претседател на МАНУ.

Има голема партизираност на сите институции, а особено проблематичен е судскиот систем. Поради тоа судството како независна власт, како и обвинителството ќе ја имаат целата логистичка подршка од Министерството за правда за да ги исполнат своите обврски во зацртаниот рок.

 

Сашо Нелоски