Собрание на РМ

Евроинтеграциите во фокус на седницата за пратенички прашања

02.07.2018 14:52

Во Собранието седница за пратенички прашања. Во фокусот евроинтеграциите. Опозицијата со прашање до премиерот дали Македонија доби или не, датум од ЕУ за преговори. Заев побара од опозицијата конструктивност и вклучување во процесите што претстојат, односно скринингот на поглавја. ВМРО-ДПМНЕ реагираше за текот на седницата...

Дали Македонија навистина доби конкретен датум за преговори со Европската унија или сепак за тоа ќе се решава следната година- го прашаа од опозицијата премиерот Заев. Манојловски со дилема дали Владата ќе направи вистинска реформа и во јавната администрација, по теркот на европските стандарди.

Почетокот на скринингот на 17-ти е доказот дека имаме датум за старт на преговорите, одговори шефот на Владата. Порача дека на сето кажано во Брисел треба да се израдува и опозицијата. Ја повика да се вклучи во подготвителните фази на скринингот.

Заев одговори и дека во делот на државјанствата, согласно потпишаниот договор со Грција ќе пишува Македонско со коса црта граѓанин на Република Северна Македонија. Според пратеникот од БЕСА, Фадиљ Зендели, тоа за Албанците е чекор назад.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, до спикерот Џафери реагираше за доцнењето и за текот на седницата. Посочија дека спикерот Џафери не требало да ја закаже пленарката за пратенички прашања во исто време со Комисијата за европски прашања.

Џафери појасни дека поради службената посета на Брисел на премиерот, седницата наместо во четвртокот била презакажана за денеска.

 

Миле Ристески