Протест пред Кривичниот суд за декриминализација на канабисот
Пред Кривичниот суд во Скопје протест за поддршка на притворениот Филип Достовски, основачот на „Зелена Алтернатива“ и едукатор за лекување со масло од канабис. Побарани законски измени. Достовски тврди- постапката не е фер...

Марихуаната пронајдена во домот на Филип Достовски има мал процент на психоативна супстанца и не преставува екстракт од опојна дрога. Обвинетиот ја користел за лекување, а не за трговија, тврди неговиот бранител Сашко Дуковски на стартот од судењето. Адвокатот вели - вештачењето ќе покаже дека станува збор за див коноп кој расте на повеќе локации во Македонија.
Пред две години, при претрес во домот на Достовски полицијата пронајде масло од хашиш, семки од канабис и околу 200 грама марихуана. Обвинетиот пред судот изјави дека не се чувствува виновен. Растението го користел во медицински цели.
Достовски е активист и претседател на невладината „Зелена алтернатива“. Пред Кривичниот суд поддршка му дадоа граѓаните кои се залагаат за легализација на канабисот.
Следното рочиште е закажано за 9-ти септември.
Анита Димитријевска
