Тајланд: Неизвесна судбината на фудбалскиот тим во пештерата
Според војската, спасувачката операција би можела да трае и со месеци. Отежнати се условите за доставување на храна и воспоставување на телефонска линија за да им се овозможи комуникација со родителите.

Членовите на фудбалскиот тим коишто беа пронајдени во пештера на Тајланд се во критична состојба поради поплавениот простор од надојдената вода и големите количества кал од монсуните. Според војската, спасувачката операција би можела да трае и со месеци. Отежнати се условите за доставување на храна и воспоставување на телефонска линија за да им се овозможи комуникација со родителите.
„Не го запираме процесот за спасување, сакаме да ја испумпаме водата. Задоволен сум што се намалува нивото на водата“, изјави Наронгсак Осотанакорн, гувернер на Чианг Раи.
„Ова е најсреќниот ден за мене. Со денови го чекав син ми. Си мислев дека шансите за да преживее се само 50%.“
„Возбудена сум. Првин, ќе го прегрнам. Им благодарам на сите новинари што дојдоа“- велат родители на момчињата.
12 момчиња на возраст од 11 до 16 години и 25-годишен тренер го истражувале пештерскиот систем Там Луанг. Се претпоставува дека се скриле во карпите поради поројните дождови кои им го блокирале излезот. Групата се водеше за исчезната девет дена пред нуркачите да ја лоцираат во сув дел од пештерата оддалечен 4 километри од влезот.
За време на монсуните што трае до септември, пештерскиот комплекс во Чианг Раи во северен Тајланд е редовно изложен на поплави. За да се евакуиираат момчињата ќе мора да нуркаат. Но, експертите предупредуваат дека е премногу ризично неискусни нуркачи да се движат во опасните канали преполни со кал и нула видливост.
Доколку чекаат да се повлече, со месеци ќе мора да преживуваат од доставата на помош однадвор. Во наредните неколку дена, медицински тимови ќе вршат редовни прегледи за да ја утврдат состојбата на фудбалерите.
Спасувачките екипи во Тајланд имаат поддршка од тимови кои пристигнаа од Кина, Америка и Австралија.
Маја Филдишев
