Јавна расправа за Предлог- законот за отпишување камати за наплата на долгови
Јавна дебата за новата регулатива за отпис на каматите. Само во 200 илјади предмети на граѓани биле пресметани енормни камати кои го надминуваат основниот долг. Што предвидува новиот закон? Какви олеснувања има за физичките лица?

Станува збор за отпис на камати, а не за отпис на долгови, што ќе се врши со исполнување на одредени услови, појасни еден од предлагачите, пратеникот Панчо Минов, на јавната расправа пред Комисијата за финансирање и буџет, на која беа поканети и претставници на граѓански организации, професори, министерства, судски институции, локални власти, нотарската и извршителската асоцијација.
Со овој специјален закон ќе бидат опфатени сите предмети што биле префрлени од судовите кај нотарите и за кои е завршена постапката и се кај извршителите, заклучно со јули 2011-та.
Според Минов, станува збор за околу 200 илјади предмети на граѓани физички лица, за кои биле пресметани енормни камати кои заедно со сите други трошоци неколкукратно го надминуваат основниот долг. Законот предвидува дека отпис на камата се стекнува со исплата на основниот долг, во рок од најмногу 12 месеци. Отписот се врши на доброволна основа за што решаваат органите на управување на доверителите, при што се прави разлика меѓу субјекти основани од државата и компаниии во приватна сопственост.
Коморите на нотарите и на извршителите доброволно ќе решаваат за нивото за отпис на побарувањата по основ на наплата за нивните трошоци. Невладините организации забележаа дека со Законот се овозможува и наплата на застарени побарувања, за кои граѓаните никогаш не биле информирани од доверителите. Приговараа и на роковите на застареност, правејќи споредба со други земји, како и на висината на трошоците што ги наплатуваат нотарите и извршителите.
Минов во име на повеќе од 90 пратеници од власта и од опозицијата, предлагачи на Законот, појасни дека делот околу застареноста на побарувањата се регулира во Законот за облигациони односи, кој би требало да се усогласува во 2019-та, а неспорно е дека граѓаните мора да бидат писмено информирани за долгот.
Свето Николовски
