АРМ се засили со нови 125 професионални војници
Вработени нови 125 професионални војници во македонската Армија. Оваа генерација ќе биде првата која ќе добие покана за НАТО, изјави министерката за одбрана Шекеринска. Во текот на годинава се очекуваат нови 375 вработувања меѓу армиските професионалци...

Нови 125 професионални војници станаа дел од македонската Армија. Тие ќе бидат првите од вкупно 375 војници кои ќе бидат вработени во АРМ до крајот на годинава.
„Самитот на НАТО следната недела, поканата за членство која ја очекуваме, исто се нов почеток. Вие сте тие кои ќе го пишуваат тоа поглавје како генерација на нови, млади војници кои ќе бидат дел од најмоќниот воено- политички сојуз на Земјата. Членството во НАТО гарантира безбедна иднина за граѓаните на нашата земја. Безбедноста е основен предуслов за економски развој, повеќе инвестиции и нови партнерства“, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.
Армијата има клучна улога во одбраната на државата и за помош при елементарни непогоди, затоа ја имаат нашата благодарност и почит, истакнаа премиерот Заев и минитерката за одбрана на свеченоста по повод вработувањето на војниците.
Двајцата посочија оти ќе продолжат реформите во Армијата, ќе се продолжи да се работи за достигнување на НАТО стандардите и за подобрување на животниот стандард на војниците. Истакнаа дека прв чекор е зголемување на платите за 10 проценти и обезбедување на средства за нови вработувања, модернизација и опрема на Армијата.
Ирина Гелевска
