Евроинтеграции

Димитров: Да ја смениме заедничката иднина

04.07.2018 13:14

Средби на министерот за надворешни работи во Стразбур. Направивме историски договори што се потврдени од европските парламентарци, оценува Димитров...

Во текот на вчерашниот ден, Република Македонија се најде во центарот на вниманието на дел од европратениците, Најпрво претседателите на парламентарните групи на Европскиот парламент имаа можност да разговараат со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, а потоа тој им  се обрати и на членовите на групата на европските либерали и демократи.

„Добра вест во време кога има многу кризи во Европската Унија. И вреди да таа шанса се искористи и да се покаже дека пристапниот процес функционира, може да трансформира општества и држави и да се поддржи едно мало чудо, каде две соседни држави кои до вчера не блокираа, со нив успеавме да излеземе од рововите од историјата, да си подадеме рака и да се обидеме да ја смениме заедничката иднина која што треба да биде европска. Не беше лесно, меѓутоа самата реакција и кај нас и во соседна Грција укажува на историската тежина на ова прашање. Не може со лошо да се направи добро. Добро може да се прави само со добро. И мислам дека ова издигнување, оти најлесно е да седиме во ровот и да се гледаме, ова издигување од двете страни вреди да се поддржи, бидејќи тоа е суштината и сржта на самиот европски проект“, изјави шефот на македонската дипломатија, Димитров.

Претседателот на групата на Европските либерали и демократи, Ги Верховстад за МРТ изјави:

„Tоа е историски договор, не треба никогаш да се заборават ужасите во 19 и 20-от век во регионот. Значи, договорот треба да се гледа на овој начин – тоа е историски чекор , ние го поддржуваме и мислиме дека сега кога проблемот е решен да му се дадат сите шанси на земјата да и се приклучи на Европската Унија. Јас се залагав за тоа да преговорите започнат што е можно побрзо, бидејќи иднината на Балканот е во Европската Унија, а не надвор од Европската Унија. Ако сакаме да го  стабилизираме овој дел на Европа, тоа ќе биде преку нивно членство во Европската Унија“, вели Верховстад.

 

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ