САД

Сенат: Русија се мешаше во изборите во 2016-та година

04.07.2018 13:23

Американските сенатори потврдија- Русија интервенирала во последните претседателски избори на кои победи Доналд Трамп. Освен за пропаганда, официјална Москва е обвинета и за кибернетички активности кои резултирале со негативни последици врз кампањата.

Според Одборот за разузнавање на американскиот Сенат, Русија влијаела на претседателските избори во 2016-та година. Во активностите кои биле одобрени и од претседателот Владимир Путин, се наброени и кибернетички операции кои биле многу поопсежни од разоткриеното хакирање на електронската пошта на Демократскиот национален комитет. Сенаторите тврдат дека целта била да се спречи уште еден кандидат од демократите да влезе во Белата куќа по Барак Обама.

Многу претставници од агенциите за разузнавање и национална безбедност едногласно потврдија дека извештаите се точни. Руските напори биле софистицирани и опсежни, за да се намали вербата кај народот за демократските процеси, да и се наштети на кандидатката Клинтон, и да му се помогне на Трамп“, изјави Марк Ворнерсенатор на Вирџинија..

„Во последените 16 месеци, Сенатот ги разгледуваше сите извори и анализи во проценките од разузнавачите. Не гледаме причина да ги оспориме заклучоците“, вели Ричард Бур, сенатор од Северна Каролина.

Претседателот Трамп тврди- истрагата е обид да се оспори неговата победа во трката за Белата куќа. Разузнавачките агенции негираат-информациите се проверени и не се под влијание на политиката.

Анализата на Сенатот е објавена десетина дена пред закажаната средба меѓу Трамп и Путин во Хелсинки. Конфликтот во Сирија и преговорите за севернокорејската нуклеарна програма се дел од агендата. Во рамките на подготовките, конгресна делегација од Вашингтон беше во посета на Москва на средба со шефот на дипломатијата на Русија Сергеј Лавров. И двете страни очекуваат позитивен исход од билатералната средба во Финска.

„Во многу години, овде доаѓа голема конгресна делегација. Ни претстои важен состанок на претседателите Путин и Трамп. Сите се надеваме дека ќе резултира со нешто добро и позитивно за двете земји“, изјави Ричард Шелби, сенатор на Алабама.

Пратениците се луѓе кои ја претставуваат нацијата. Тие го одразуваат расположението на нацијата, но и го формираат расположението преку авторитет, изјави и активности. Продолжувањето на дијалогот меѓу нив е добро темпиран настан пред претстојниот состанок на двајцата претседатели“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

По периодот од Студената војна, односите Вашингтон- Москва беа влошени и поради руското анектирање на Крим во 2014-та година, и улогата на политиката на Кремљ во сириската војна и источна Украина.

 

Маја Филдишев