ВМРО-ДПМНЕ: И со отстапки Македонија не доби датум за ЕУ
Грубо е прекршен Уставот при самото потпишување на срамниот договор, за сега уште еднаш СДСМ да се обидат да го прекршат Уставот со објавување на законот во Службен весник без потпис од страна на Претседателот Иванов- велат од опозициската партија...

Зоран Заев нема црвени линии, се откажа од името, нацијата, од идентитетот и македонското малцинство. Тоа го стори заедно со СДСМ, велат во ВМРО-ДПМНЕ. Со договорот со Грција го прекршија Уставот неколкупати.
„Грубо е прекршен Уставот при самото потпишување на срамниот договор, за сега уште еднаш СДСМ да се обидат да го прекршат Уставот со објавување на законот во Службен весник без потпис од страна на Претседателот Иванов. И покрај сите отстапки од страна на СДСМ, Заев, Димитров и останатите направени без црвени линии за нив Република Македонија не доби датум за преговори со Европската Унија како што ветуваше Зоран Заев. Никој не ни гарантира дека ќе чекориме по патот на евроинтеграциите само со потпишување на овој срамен договор. Оваа Влада не е способна да ги заврши нити реформите, кои се покажаа како клучни. Сепак корупцијата и криминалот царуваат во Република Македонија“, нагласува потпретседателот на партијата Владо Мисајловски.
Мисајловски ги повика сите граѓани кои се незадоволни од овој срамен и капитулантски договор кој е пораз на оваа „патлиџан дипломатија”, сите оние кои се против економското цунами кое што ни се случува и против овој грабеж што и се случува на Република Македонија и тоа на секаков план од страна на власта, заедно со нив, во недела во Струмица, во 13 часот во паркот во Струмица, на протестен марш да го искажате нашиот револтот кон овој хаос што ни се случува во Република Македонија на секое поле.
