Собранието повторно го изгласа Законот за ратификација на Договорот со Грција

05.07.2018 12:38

Парламентарното мнозинство повторно го изгласа Законот за ратификација на Договорот за името со Грција. Спогодбата го реафирмира и го зацврстува македонскиот идентитет, вели министерот Димитров. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваа на пленарката. Договорот со Грција е штетен за државните и националните интереси, велат од партијата...

Експресно, парламентарното мнозинство повторно го изгласа Законот за ратификација на Договорот за името со Грција. Спогодбата го реафирмира и го зацврстува македонскиот идентитет, вели министерот Димитров.

„Конечната спогодба е сосема спротивното. Не само што не го загрозува македонскиот идентитет, туку го реафирмира и ги зацврстува како никогаш до сега. Во пракса спогодбата ќе донесе етаблирање на нашиот идентитет и ќе ја надмине ситуацијата на несоодветно именување и на државата и на народот“, нагласи шефот на дипломатијата Димитров.

Пратеникот од владејачката коалиција Ферид Мухиќ гласаше воздржано. Рече дека едногласноста е спротивна на демократијата и дека за ова судбоносно прашање ќе гласа според совеста и дека тоа му е загарантирано со Устав.

„Светот мора да разбере на што е принудена оваа влада овој народ и оваа држава. Се создава впечаток дека сме украле нешто туѓо, дека сме фатени во таа кражба и сега мора да го вратиме туѓото“, рече Мухиќ.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваа на пленарката. Договорот со Грција е штетен за државните и националните интереси, велат од партијата. Најавија кривични пријави.