Тања Лепческа и Златко Димовски младоженци на Галичка свадба 2018
Тања Лепческа и Златко Димовски се младенците на годинашната Галичка свадба. Во духот на вековната традиција, својата љубов ќе ја крунисаат во црквата Свети Петар и Павле на 15-ти јули. Според „Њујорк тајмс“ и светски познатото списание „Нешнл џиографик“, Галичката свадба прогласена за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа...

Оваа година судбоносното „да“ во живописниот Галичник ќе го кажат Тања Лепческа и Златко Димовски. Тие се главните протагонисти на 45-тото издание на автентичната манифестација, која претставува спој на традицијата и културата.
Илјадници посетители од земјава и странство ќе бидат сведоци на над 30 оригинални обичаи и ритуали, со традиционални народни носии, песни и ора, автентични во својата убавина и културна вредност.
Горди сме што „Галичка свадба“ од „Њујорк Тајмс“ и „Нешенл Географик“ беше прогласена за најтрадиционален свадбен фестивал во Европа. Само уште една причина да продолжиме да го негуваме македонското културно богатство и да биде негов промотор во целиот свет, вели Александар Костиќ, од организацијата.
„Галичката свадба“ ќе се одржи од 13-ти до 15-ти јули. В сабота, ќе со постави свадбарското знаме и ќе се изведе симболичниот чин на „фрлање“ три пушки од куќата на зетот.
Венчавката на младенците ќе се одржи в недела во храмот „Св. Апостол Петар и Павле“, а свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.
Александра Спировска
