Собрание на РМ

Мнозинството повторно го изгласа Догворот со Грција

05.07.2018 14:13

Експресно, парламентарното мнозинство повторно го изгласа Законот за ратификација на Договорот за името со Грција. Пратеникот Мухиќ беше Воздржан. Спогодбата го реафирмира и го зацврстува македонскиот идентитет, вели министерот Димитров. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не учествуваа на пленарката. Договорот со Грција е штетен за државните и националните интереси, велат од партијата. Најавија кривични пријави...

Со 69 гласа „за“ и еден „воздржан“ од парламентарното мнозинсто, по втор пат на пленарна седница помина Договорот меѓу Македонија и Грција. Министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека Македонија ги живее историските денови.

„Не се загрозуваат идентитетот, јазикот и културата, туку напротив“- рече тој. Според него претседателот Иванов правел застрашувачка манипулација тврдејќи дека Македонија преку договорот се става во подредена положба.

Пратеникот Ферид Мухиќ рече дека иако е дел од мнозинството, совеста му налага да гласа воздржано зашто, за него, договорот е спротивен на меѓународното право и повелбата на Обединетите нации.

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и овој пат не беа на седницата. Генералниот секретар на партијата Јанушев изјави дека власта преку незаконска процедура со грубо кршење на прописите сама го носи Договорот со Грција кој е неуставен и во спротивност со државните интереси.

Според СДСМ, Договорот со Грција е патриотски чин. Костадин Костадинов изјави дека тој го гарантира македонскиот идентитет, носи членство на земјава во ЕУ и НАТО и ја гарантира обезбедува македонската иднина.

Законот за ратификација на Договорот повторно оди кај претседателот Иванов. Првиот пат тоја не го потпиша. Собранискиот спикер Џафери најаваи дека ако тоа повторно се случи, Договорот со Грција и Законот за употреба на јазиците ќе ги испрати до службен весник само со неговиот потпис.

 

Миле Ристески